ams zm 3

Оваа недела во Скопје, Струмица и Штип започнаа првите консултации со млади за да се чујат нивните ставови за тоа што треба да содржи новиот Закон за младинско учество и младински политики. Младите во Скопје, Струмица и Штип ги споделија своите ставови со претставниците на Собранието на Република Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт, младинските организации и подмладоците за тоа кои проблеми тие би сакале да бидат решени со закон. Младите на сите настани го поздравија консултативниот процес за предлог текстот за Законот за младинско учество и младински политики и го издвоија како најважно рамноправното вклучување на младите во процесот на одлучување за теми кои ги засегаат.

На настанот во Скопје се обратија Дарко Каевски (Агенција за млади и спорт), Блажен Малески (Национален младински совет на Македонија) и Стефан Андоновски (ВМРО-ДПМНЕ). Младите на настанот во Скопје посочија дека нивниот глас ретко се слуша од институциите и на локално и на национално ниво, па сметаат дека Локалните младински совети и Националното советодавно тело за младински политики се одлични чекори кон зајакнување на соработката помеѓу младите и институциите.

На настанот во Струмица се обратија Ѓорѓи Тасев (Канцеларија на Претседател на Владата на Република Северна Македонија) и Блажен Малески (Национален младински совет на Македонија). Присутните млади на настанот во Струмица побараа детално да се утврди начинот на кој младите ќе можат да учествуваат во локалните политики за млади, а дадоа и предлог за „младинска квота“ во Собранието на Република Северна Македонија

На настанот во Штип се обратија Ивана Туфегџиќ (Собрание на Република Северна Македонија) и Зоран Илиески (Коалиција на младински организации СЕГА). Младите на настанот во Штип изразија особен интерес за младинските центри предвидени со моменталната верзија на предлог текстот. Побараа нивно детално уредување во Законот, како би се гарантирала суштинска промена во начинот на кој младинските политики се спроведуваат на локално ниво.

Повеќе информации за Законот за младинско учество и младински политики, како и информации за начинот на кој младите можат да го споделат своето мислење со работната група онлајн,  се достапни на веб - страната: http://www.zakonzamladi.ams.gov.mk/

Дебатите и иницијативата за Законот за младинско учество и младински политики се организирани од работна група која ја сочинуваат претставници од: Пратеничкиот клуб за младински прашања и политики при Собранието на Република Северна Македонија, Агенцијата за млади и спорт и Владата на Република Северна Македонија, како и претставници на младинските организации Национален младински совет на Македонија, Коалиција на младински организации СЕГА и подмладоците на БЕСА, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ.

Овие настани се дел од серија дебати кои во следниот период ќе се одржат во сите плански региони во земјата, на кои младите ќе можат да ги споделат своите идеи и потреби со работната група за изработка на овој закон. Со овој процес инициран заеднички од пратениците, институциите и младинските организации во Северна Македонија, се надеваме дека ќе се креира добар закон кој ќе го промени животот на младите во земјата на подобро.

Сите одржани средби на работната група, како и текот на целокупниот процес, се поддржани од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, кои како партнер во овој процес имаат голема улога во непречено одвивање на активностите кои произлегуваат и успешно финализирање на процесот.

Коментари