ams poster mm

Мавровски меморијал е спортска манифестација која го промовира едно од најубавите туристички атракции, но и Македонија воопшто.

Натпреварот се одржува во спомен на 38-те градители на електро системот Мавровка и 14 храбри граничари, кои го загубија животот во снежната лавина 1956 година.

Оваа година настанот ќе се одржи од 11-13 февруари на патеката Мирна долина, во Маврово, 56-ти пат по ред.

На прес конференцијата организирана во Агенцијата за млади и спорт зборуваше директорот на АМС Дарко Каевски, како и претставници од одборот за реализација на настанот.

-Нашата визија е да се најдеме во европската елита на нордиското скијање, и затоа  и оваа година ќе се потрудиме да оставиме впечаток на добри домаќини и организатори, и да го направиме овој ФИС натпревар еден од најдобро организираните меѓународни настани на Балканот, истакна Каевски.

Тој додаде дека Агенцијата за млади и спорт како и секоја година претходно, така и овој пат, финансиски и логистички ќе ја поддржи организацијата на овој меѓународен, традиционален настан, кој првата реализација ја имаше далечната 1962 година.

-Ќе ја искористам оваа прилика, да упатам апел до сите вљубеници во зимските спортови, на планинските убавини на Македонија, да бидат дел од овој настан, во насока на поддршка на македонските претставници во нордиско скијање, но и спортот во целина, порача Каевски.

За деталите зборуваше претседателот на Мавровски меморијал Кочо Кирацов, како и селекторот на македонската репрезентација во нордиско трчање Ѓоко Диневски.

Освен македонските претставници, свој настап ќе имаат натпреварувачи од Србија, Црна Гора, БиХ, Хрватска, Грција, Турција и Бугарија.

По 20 во машка и женска конкуренција на патеката од 10 односно 5 километри, ќе настапат и звучните имиња како Ангелис Апостолис од Грција, Мартин Пенчев од Бугарија, Дадиќ Еди од Хрватска, и секако македонскиот претставник Ставре Јада.

Директниот пренос е закажан за 12 и 13 февруари, со почеток од 10 часот, на ТВ 24, а целата програма ќе биде збогатена со детската трка, која има за цел промоција на овој спорт и мотивирање на нови млади македонски скијачи.

Коментари