ams intervju direktor web 2

Застарените спортски сали години наназад беа проблем во училиштата. Вложувањето во спортската инфраструктура е еден од приоритетите на оваа влада. До каде се инвестициите на Агенцијата за млади и спорт во делот на спортската инфраструктура?

- Успехот во спортот, недвосмислено, е поврзан со условите за тренинг и развојот на спортската инфраструктура. Да се има само желба или талент, не е доволно за да се постигнат врвни спортски резултати. Неопходно е да се инвестира и во спортската инфраструктура. Вложувањето на Владата и Агенцијата за млади и спорт преку создавање на инфраструктурни услови за развој на спортот, е со единствена цел да се создадат нови спортски ѕвезди, кои ќе ја претставуваат Македонија на европските и светски натпреварувања. Континуираната изградба на спортските сали, фудбалските игралишта, повеќенаменските спортски игралишта и тениските терени во секоја општина ја потенцираат определбата на владата за развој на спортот и здравиот начин на живеење.
Само во изминативе 2 години, откако сум прв човек во Агенцијата пуштивме во употреба преку 60 спортски објекти низ целата држава. Низ призмата на бројките, ситуацијата е следна. Од проектот за изградба на 100 повеќенаменски игралишта, пуштени се во употреба вкупно 52 игралишта, а 9 се во фаза на градба.
Изградивме 33 спортски сали од проектот за изградба на "35 спортски сали", а последните 2 се во фаза на градба. Истовремено, во предизборната Програма од минатата година имаме предвидено изградба на уште 6 нови сали, од кои 2 се веќе започнати со градба и тоа спортската сала во Домот за деца без родители "11 Октомври" во Капиштец, како и спортската сала во општината Шуто Оризари, а нова спортска сала ќе добие и ДСУФК "Методи Митевски - Брицо", која ќе биде во функција на Спортската академија, што е уште еден одличен проект на Агенцијата за млади и спорт за создавање на млади и талентирани спортисти.
Од проектот за изградба на "120 тениски терени", 67 се завршени, а 9 се во фаза на градба, со што полека, но сигурно ја менуваме спортската мапа во нашата земја и овозможуваме одлична основа за создавање на нови спортски ѕвезди и психофизички здрава младина, која ќе биде оттргната од пороците на модерното живеење. Ние се водиме од девизата дека спортот не е и не смее да биде привилегија само на одбраните, или само на големите и урбани центри. Напротив, тој мора да биде достапен секому и секаде подеднакво.
Конечно, она што според мене ќе ја одбележи оваа 2015 година е почнувањето со градба на затворениот пливачки базен во Охрид, кој ќе биде со ватерполо димензии и кој ќе ги реинкарнира спортовите по кои Охрид беше препознатлив. Очекуваме за неколку денови да започнеме со градежните активности.


Во делот на спортот, Агенцијата за млади и спорт доделува спортски стипендии. Но, имате и некои нови проекти по кои станавте препознатливи меѓу спортистите и спортските работници, а во исто време ги мотивирате младите спортисти. Кажете ни нешто повеќе за тоа.

- Агенцијата за млади и спорт со стипендиите ги опфаќа сите категории спортисти. Најпрвин со стипендијата за талентирани спортисти "Спортска надеж" ги опфаќаме најмладите спортисти до 20 години. Тоа претставува награда за трудот за најмладите спортски надежи, кои секојдневно се вложуваат и се надградуваат. Во текот на годината, во период од 10 месеци, 500 млади спортисти примаат стипендија од околу 4 200 денари месечно, со што можат да ги подмират своите издатоци во текот на спортувањето како што се поквалитетна исхрана, односно витамини, протеини, јаглехидрати, нова опрема за тренинг, патики, дресови, итн.
Во изминативе неколку години даваме директна поддршка на професионалните спортисти, кои постигнуваат врвни спортски резултати на меѓународната спортска сцена и во континуитет доделуваме стипендии од меѓународна и светска категорија.
Еднаш стекнатата спортска категорија има траен карактер и доживотно му припаѓа на спортистот како титула. Покрај титулата, спортистите добиваат и паричен надоместок од Агенцијата во одреден временски период. Имено, стипендијата од меѓународна категорија се исплаќа во времетраење од две години во вредност од 1,3 просечни плати секој месец, додека стипендијата од светска категорија се исплаќа четири години во вредност од две просечни плати секој месец.
Дополнително, Агенцијата за млади и спорт со воведувањето на Националното спортско признание, популарно наречено "спортска пензија" никогаш не ги заборава спортистите кои постигнале врвен резултат и ја промовирале Македонија во светски рамки. Националното спортско признание се добива во вид на плакета и месечен финансиски надоместок, во висина од една просечна плата до крајот на животот.
Но, покрај стипендиите со кои се опфатени активните спортисти, Агенцијата за млади и спорт ја доделува и државната награда за остварувања во областа на спортот, "8 Септември", која е наменета за тренерите, селекторите, спортските работници, медицинскиот персонал и членовите на стручниот штаб, односно на лицата во сенка, кои не се помалку значајни за остварениот резултат на спортистите. Годинава, добитник на наградата за животно дело беше нашата кошаркарска легенда Лазар Лечич, но награди добија и тренерските легенди и спортски работници Љупчо Стојчевски, Руждија Калач, Здравко Дејановиќ и постхумно легендата на македонското карате и првиот селектор на една македонска репрезентација по осамостојувањето, Димче Кичевски.
Од годинава за прв пат започнавме и со реализација на проектот "Стручна специјализација на македонски тренери во реномирани светски центри", со кој досега опфативме 10 тренери од вкупно 7 колективни и индивидуални спортови, кои веќе поминале или ќе поминат соодветна обука со примена на новите тренажни технологии.


Колку Агенцијата за млади и спорт успева да ги анимира младите и дали во наредниот период планирате нови проекти?

Како институција одговорна за креирање младински политики и поддршка на развојот на младите луѓе, во секој од чекорите кои ги преземаме, тежнееме кон инклузивност и соработка со младите. Правиме обид да ги консултираме, вклучиме и информираме. Само во првите 100 дена од конституирањето на владата минатата година, го реализиравме проектот "Слободен четврток", со кој за сите студенти, секој четврток во месецот се овозможи бесплатен превоз во градските автобуси, жичарницата на Водно и железничкиот сообраќај, како и бесплатно посетување на сите културни институции во Скопје и во државата. Истовремено, обезбедивме 50% попуст за младите луѓе до 29 години за влезници за театар, музеј, опера, балет и филхармонија, а една година пред планираниот рок ги реализиравме проектите за бесплатен викенд во месецот за превоз во железничкиот сообраќај за млади лица до 27 години, како и проектот за "50% попуст за ученици и студенти во железничкиот сообраќај" на повеќе железнички релации низ Македонија.
Втора година по ред го реализираме проектот "Млади поети" со кој сакаме да ги стимулираме и поттикнеме младите луѓе кои творат поезија да се пријават на огласот на АМС за избор на најдобрите млади поети, кој е во тек и на тој начин да придонесат во збогатувањето на и онака богатата македонска творечка ризница. Од страна на стручна комисија, формирана од членови на Друштвото на писатели на Македонија, беа избрани најдобрите три творби за кои обезбедивме симболични парични награди.
Во изминатиот период успешно го реализиравме и проектот за откривање на уметничките потенцијали кај младите луѓе "Young art". Кампањата ја започнавме со објавување конкурс на кој пристигнаа голем број уметнички авторски дела со што младите уште еднаш ја потврдија својата креативност и потенцијал во уметничкото творештво. Проектот го финализиравме со завршна изложба во Националната галерија на Македонија, објектот Мала станица, која имаше продажен карактер и на која беа претставени сите пристигнати уметнички дела во петте категории: сликарство, вајарство, фотографија, графика и графички дизајн.
Проектите и годинава повторно ги реализираме, за што веќе и објавивме отворен повик за учество. Рокот е до 26.10.2015 година, а сите заинтересирани ќе можат своите творби да ги достават до Агенцијата за млади и спорт, која има ново седиште на ул. "Македонија", бр. 38.


Каков одѕив имаше за проектот "Најдобар млад програмер"?
Одлична реакција имавме и за реализацијата на проектот "Најдобар млад програмер# со кој ги стимулираме младите средношколци за продолжување на своето образование на техничките науки. За успешна реализација на проектот потпишавме Меморандум за соработка со Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство и со Здружението на информатичарите на Македонија, кое поседува лиценца за одржување на државни натпревари во програмирање.
Минатата година го промовиравме и веб-сајтот наменет за младите луѓе кој содржи информации за значајните културни настани и манифестации, за обуки, пракса и вработување за младите, студентски попусти, но секако и опширни информации за проектите и активностите на Агенцијата за млади и спорт и другите институции.
mladi.ams.mk  е дел од приоритетот младинско информирање од тековната Национална стратегија за млади, но и дел од напорите на Агенцијата за млади и спорт за редовно информирање на младите луѓе за информациите кои се важни за нив и нивно активно вклучување во активностите на АМС.
Мора да потенцирам дека еден од приоритетите и предизвиците со кои се соочуваме во моментов, во позитивна смисла, е изготвувањето на новата Национална стратегија за млади 2016-2025, која ја изготвуваме во соработка и со поддршка на УНДП.

ams intervju web 2

Коментари